Дали е безбедно да се патува во Иран?

Кога помислуваме на егзотични дестинации и мистични делови на светот, скоро и неизбежно е да не се сетиме на убавината на Ориентот. 

Можеби и најинтригантна од сите ориентални земји, старата Персија со своите антични рушевини, “летечки килими”, пустини до недоглед, превкусна храна и препознатлив мелос, секогаш била симбол за убавина на Истокот. Денес старата Персија е позната како Иран. Сведоци сме дека светот никогаш не мирува, но исто така сме свесни дека сегашноста е нераскинливо поврзана со минататото. Персиската цивилизација може да се пофали со долг опстанок, повеќе од 2500 години. Само неколку култури на светот ја имаат таа привилегија, но Персија е единствена по тоа што не знаеме толку за нејзината војска и генерали толку колку што знаеме за културниот домет и достигнување. Модерните Иранци се дел од ориентот но за разлика од другите слични народи, во себе и понатаму носат црти на античко персиски господства. Тоа ведаш ќе го почувствувате при првиот контакт со овој прекрасен народ.

Денес големите сили се борат за превласт. Тоа е проклетсвото на напредокот на човечкиот род и во таа борба често не се бираат средства... Старата Персија или модерен Иран, станаа предмет за пресметка на големите сили. Кога за прв пат решив да одам на патување во Иран, многумина ме гледаа чудно. Дали таму и понатаму има војна? Дали е безбедно? Те молам чувај се...

Погрешивме... 

Војната во Иран завршила уште во 1988 година! Никогаш побезбедно не сум се чувствувал како на улиците во Шираз или Исфахан. Тоа е земја под санкции но на улица никогаш нема да видите пикавец или ѓубренце. Автобуските станици и канти за отпадоци не се исшарани или искршени. Парковите и историските локалитети одлично ги одржуваат. 

Иранците стоички добро ги поднесуваат своите проблеми и предизвици. Се чувствува ред и склад во таа заедница. Нема анархија. Кога ќе сакате да истражите некој ориентален базар, поучени од искуството од некои други земји, веројатно ќе помислите на целата бука и гужва и не така учитивите продавачи. Кога ќе влезете на базар во Исфахан, еден од најголемите на светот, го гледате всушност тој спој на ориентот со стара Персија. Тој склад во архитектурата, креативен хаос, прекрасните мириси на зачини и чаеви и она што е изненадувачки, фасцинантно и прекрасно – достоинствената тишина на иранските продавачи. Никој нема да ве влече за ракав нешто да купите, цените не се нереални и може да се ценкате, но не премногу бидејќи е секако поприлично ефтино. Кога ќе влезете во продавниците, ќе ве понудат со чај од шафран или можеби со нешто слатко. Кога за прв пат купив нешто на базарот во Шираз, сопственикот на продавницата ме понуди со чаша вино и некое превкусно пециво. Останав во продавницата околу 10тина минути и разговаравме за многу работи меѓу кои и за убавините на Иран. Во тој базар, имаше идентични продавници со иста роба. Тоа во Европа е незамисливо, да отворите иста продавница, веднаш до конкуренцијата. Но впрочем тоа е тоа по што Иранците се разликуваат од другите. Профитот не им е толку важен, туку поважни се добрите и складни односи. 

Пред базарот сретнавме локален имам. Зрачеше со продуховена енергија... Се фотографиравме и поразговаравме на англиски. Ни посака топло добредојде и ни даде благослов. Бидејќи врнеше дожд фативме такси. Таксистот учитво го одби нашиот бакшиш, исто така незамисливо во Европа. Го послушавме неговиот совет и отидовме во еден локален ресторан. На масата до нас имаше торта. Некоја од девојките славеше роденден. Не викнаа да седнеме со нив на маса и ни дадоа од тортата иако немаше доволно за сите. Добив неколку покани да свратам на ручек или вечера, тоа во Иран е сосем нормално доколку сте странец. Всушност не можам ни да се сетам во која земја сум се чувствувал поприфатено и побезбедно. 

Иранците ја обожаваат својата богата поезија. На писателите како Садја или Хафефез им имаат подигнато величенствени споменици, мавзолеи и паркови. Оние со дарба за пеење и добар глас, често ги забавуваат другите рецитирајки стихови на јавните места, па така кај мостот Сиасеп во Исфахан прашавме едно момче да ни отпее нешто. Неговата песна траеше околу 10тина минути, а кога се обидовме да му оставиме бакшиш, секако одби. Додека се воодушевуваме на маволејот посветен на Дарја I, ни прииде млада Иранка со желба да ни отпее една традиционална песна за тоа место. И сега кога ќе се сетам призорот на таа античка убавина, не можам да не запеам во ритамот на нејзината прекрасна песна. Тоа никаде не ми се случило. 

Возејќи се низ провинцијата Фарс не застана полиција. Во авттобусот настана тишина. Одеднаш влезе маркатната фигура на иранскиот полицаец. Во рацете држеше радиостаница. Не погледна и не праша од каде сме и како ни се допаѓа Иран, не замоли во еден глас да го поздравиме неговиот колега од другата страна со кој комуницирше преку радиостаницата. Сите се смеевме и атмосферата наеднаш се промени, полицаецот се смееше заедно со нас и ни посака убаво да си поминеме. 

Веќе никој во групата немаше трошка сомневање каква земја е Иран и каде дојдовме...