Некогашна Бурма, денес Мјанмар

Земја за која малку се знае, малку се пишува, најсиромашна во југоисточна Азија, со слаба економија и инфраструктура, но многу богата..Богата со историја, култура, автентичност, традиционален живот, со топол народ, мир, неверојатна енергија проткајана низ илјадниците храмови. И баш таква каква што е, ќе ве освои...

Првата средба со Бурма се лошите патишта, старите куќи и автомобили чија година на производство е непозната. Клацкајќи се до центарот на градот, вниманието ни го привлекува призорот покрај патот и знаковите на прекрасното бурманско писмо. Бурма е туристичи слабо посетена па очите на локалците се вперени во туристите и може да помине дури и цел ден без да видите некој странец, турист, што мора да признаете дека денес е реткост.

Најголемиот град Јангон до 2006 година и престолнина, е спој на традиционалното и може да се каже модерното, она што Британците го изградиле во периодот кога ја колонизирале оваа област. Секако вниманието  ќе ви го привлечат и ќе ви го задржат величенствените пагоди кои се распространети низ целиот град и најчесто се со златна боја и невозможно е да не се забележат. Бидејќи будизмот е проткаен низ целата историја на земјата и е прифатен од страна на поголемиот дел на жителите, пагодите се полни речиси во текот на целиот ден и будистички монаси има на секој чекор. Двете најсвети пагоди се  Shwedagon пагодата во која се верува дека се наоѓаат неколку влакна од косата на Буда и Sule пагодата за која се верува дека е изградена за време на животот на Буда (пред околу 2500 години)

Улиците на градот се полни со живот, со разни шарени продавници, пазари, улична храна.. Се продава се и секаде, но она што најмногу привлекува внимание се малите тезги на кои се продава kun-ya, што за локалното население преставува гума за џвакање, иако повеќе потсеќа на цигара. Kun-ya се прави така што на лист бетела се мачка паста од лимета, а потоа се става арака орев и сушен тутун, па се витка како сармичка и потоа е спремен за конзумирање. Ова е причината зошто забите на локалците како и целата уста им се темно црвени односно бордо и тоа е исто така една од првите работи што ќе ја забележите по пристигнувањето во Мјанмар. Повеќе од 1/3 од населението редовно конзумира Kun-ya велејќи дека тоа е во нивните вени и дел од нивната култура и традиција и дека овој производ се користел со векови наназад.

Мандалај, вториот најголем град во Мјанмар или како што сакаат да го наречат “Неуништивото срце на Мјанмар” е важен религиски центар и куќа на илјадници монаси и стотина пагоди. Бели и светли пагоди во кои може да се изгубите од што се големи.. Тука може да се види уште потрадиционален начин на живот отколку во Јангон. Населби на брегот на реката, каде локалците перат и неретко и се бањаат. Мали дрвени куќички, продавници и храна која се спрема надвор. Недалеку од Мандалај од другата страна на реката се наоѓа селото Мингун која е неизбежна станица на сите кои го посетуваат Мандалај.

Секако првата работа што ја помислуваме кога ќе слушнеме Бурма се храмовите кои се преплетуваат со зеленилото на брегот на реката Ираваду во местото наречено Багнан. Стар, кралски град кој својата кулминација ја доживеал помеѓу 11-13 век кога на неговата територија биле изградени преку 10.000 храмови, од кои денес се останати околу 2000. Колку и да ги гледаме и студираме секогаш има некој скриен или позади и во нашето видно поле во далечината се гледаат само врвови. Поврзани се со тесни патчиња кои овозможуваат човек да се изгуби во убавината и по илјадити пат се запраша дали сонува...

Загарантирано едно од најубавите места на светот.

Баган е стар град, но има да понуди нешто ново, нешто невидено и единствено, а неговите величенствени храмови секогаш ќе ја чуваат енергијата и мирот што ги поседува...