Камбоџа патувања

Недоволно истражена и од неодамна достапна на туристите, Камбоџа (Cambodia) претставува рај за љубителите на археологија, но и за вљубениците на источната филозофија и нејзините постулати. 

Сместена на индокинескиот полуостров, помеѓу Тајланд, Лаос и Виетнам, оваа држава наликува на останатите азиски држави, но сепак, во неа има нешто што ја прави поавтентична и попримамлива од останатите... 

Развојот на Камбоџа е започнат со откривање на некогашната престолнина на кмерската држава - Ангкор Ват (Angkor Wat). Во средиштето на импресивниот комплекс храмови лежи истоимен храм кој е документ за себе. Неговите рушевини ни даваат потврда за тоа што значи цивилизација, односно победа на градежните идеи над неконтролираните географски услови.

Авантурата ја започнуваме со дводневна обиколка на овој комплекс чија хармонија и совршенство ја отсликуваат царската власт на "Суџаварманите", основачи на овој храм, во чији релјефи можеме да го видиме создавањето на светот, космичката битка помеѓу добрите и лошите богови, како и мешање на еликсирот на животот од океаните. 

Овој храм е најпочитуван храм од сите останати, па истиот се наоѓа и на знамето на оваа земја. 

Имаме шанса да уживаме во изгрејсонцето пред самиот храм, што ни дава можност во мир и тишина да размислуваме за будизмот, но и хиндуизмот и да се воодушевуваме на ова неверојатно светско чудо кое со векови му пркоси на времето и инспирира многу посетители.

Потоа имаме можност да крстариме по најголемото езеро, “Тонле Сап“ и да уживаме во пејзажите на сеуште неоткирените и необични места во оваа мистична земја. 

Ова езеро воедно е и најголем резервоар на свежа вода во југоисточна Азија, а од 1997 година се наоѓа на листата на светско природно наследство на UNESCO поради своето еколошко значење, со оглед дека тоа е засолниште на стотина видови на птици и риби од кои многумина се загрозени. 

Камбоџанската кујна е една од најстарите на светот, а на странците најпознато јадење е амок - месо и пикантни зачини, ориз, кикиритки и јајца во кокосово млеко, послужени во чинија направена од листови од банана. 

Упатете се во мистичната Камбоџа и доживејте незаборавна авантура со насмеаното племе!

Поаѓања

Патувања

Видео

Корисни информации

Овде ќе најдете корисни информации за самата дестинација, како и некои совети за ова патување.

Камбоџа

Камбоџа e држава во југоисточна Азија. На југозапад излегува на Тајландски залив (дел од Јужно кинеско море). На запад и север се граничи со Тајланд, на север со Лаос и на исток и југ со Виетнам.

  • Површина на земјата: 181,035 km2, 90. по големина во светот
  • Број на жители: 15,7 милиони жители
  • Главен град: Pnom Pen (1,7 милиони жители)
  • Националност: Kамбоџанци – Кмери (90%), останато: Виетнамци, Кинези;
  • Официјален јазик: kмерски;
  • Вероисповед: будизам (будисти 96,9%);

Вуза за Камбоџа се вади на граница. За тоа е потребно да имате две фотографии, 3.5 x 4.5cm на бела позадина и 40 долари (во долари). На излез од Камбоџа се плаќа и такса од 20 долари.

Временската зона е UTC +7, значи 6 часа нанапред во однос на С. Македонија.

Во Kамбоџа климата е монсунска. Од декември до април трае сушен период, кога преовладува сув североисточен монсун. Просечната температура се движи помеѓу 21°C и 35°C.

Камбоџанската кујна се издвојува со често користење на билки, тревки и зеленчук. Камбоџанската кујна се краси со репутација на една од најстарите и најздравите во светот. Најважниот додаток во сите јадења е ориз и тестенини од разнолики видови и облици. Од месо се јаде пилешко, свинско, телешко и месо од патка. Се консумираат многубројни видови на овошје и зеленчук. Специјалитет на камбоџанската кујна е Амок - кари паста со кокосово млеко и бројни додатоци, спакувано во лист од банана. Тука се уште и супата со нудли, месо од скара, салата од манго и разни други слатко - луто - кисели комбинации.

Вакцинација не е задолжителна. Нашите патници индивидуално одлучуваат дали сакаат да се вакцинираат или не. Најдобро е да се консултирате со Институт за јавно здравје и да проверите. Пожелно е да понесете лекови за стомачни болки (пробиотик), фервекс или некои лекови за болка и покачена телесна температура, за секој случај. Доколку не понесете, не е страшно, сé може да се купи и во тамошните аптеки. Исто така, таму има комарци, па би било добро да понесете и Аутан, а можете и таму да купите средства против комарци, но од искуство, нивните средства се со посилно дејство.

На сите посетители им се советува да бидат внимателни. Се препорачува грижливо чувањена личните документи и пари поради ризик од кражби и џепароши. Движење во доцните вечерни часови се препорачува само доколку не сте сами. Дрогата е нелегална појава, и како таква е казнива со закон и затвор.

Спакувајте што е можно помалку багаж! Секаде можете да ги исперете алиштата. Таа услуга е навистина поволна, околу 1 евро по килограм, алиштата се набрзина готови, убаво испрани и здиплени. Со оглед на високите температури, носете лесна гардероба. Задолжително понесете дуксер или некоја лесна јакна и некои долги панталони за возењето со автобусите (бидејќи се климатизирани). Понесете некои удобни патики за целодневните обиколки на комплексот Ангкора. За обиколките на културно - историските знаменитости, конкретно храмови, мораме да напоменеме дека е задолжително покривање на нозете и рамењата, така да обрнете внимание и на тоа за време на пакувањето. Ако било што заборавите, од гардероба, козметика, обувки, без грижи, таму можете да купите сé.

Што се однесува до парите и плаќањето, пожелно е да носите долари, особено за Камбоџа. Валутата во Камбоџа е камбоџански рил (Riel). Однос на валутата изнесува околу 1 USD = 4.045 KHR, иако во Камбоџа секаде е можно плаќање со долари, па поради тоа Ве советуваме да понесете долари и тоа што е поситно можно.

Банкарскиот систем е многу развиен, така што ќе најдете бројни банки и банкомати на секој чекор. За износот на точната провизија би требало да проверите со матичната банка. Наша препорака е да понесете готовина.

Користење на платежни картички е можно, но тоа морате претходно да го најавите во матичната банка, за да не дојде до блокирање на картичките. Менувачници исто така имате на секој чекор, достапни во текот на целиот ден.

Нашите мрежи не функционираат во Камбоџа. Исто така, интернет кафулиња има насекаде, а и во сместувањата е достапна wireless интернет мрежа.