Руанда

Руанда

Руанда (Rwanda), исто така позната како „земја на илјада ридови“ нуди огромен број на планини, густи шуми и богата вегетација. Уникатно патување во кое посетуваме недопрени тропски бамбусови шуми во кои сеуште живеат последните планински горили во светот. На географска широчина веднаш под екваторот ќе искусиме еден потполно друг свет и ќе впиеме се што нуди оваа малечка држава. Ќе ги запознаеме локалните селани – Пигмејците, за кои карактеристичен е нискиот раст, но со огромни срца колку планина и широки насмевки што греат како сонце. Ќе не освои нивната искрена среќа и топлина во очите, скромност и едноставност на живеење. 

Големиот вулкан Вирунга (Virunga), бројните национални паркови богати со диви животни, насадите со чај, трекинг низ џунгла и езерото Киву (Kivu) кое крие голем број на убави плажи и овозможува бројни водени активности се дел од долгата листа на работи кои треба да ги правиме и места да ги видиме... Дефинитивно една од најзелените и најчистите држави во светот. Дали знаете дека Руанда (Rwanda), е најголемиот производител на зелен чај? Оваа билка тука вирее во текот на целата година и ќе имате одлична можност да уживате токму овде во филџан или два од овој совршен пијалок. 

На 1.600m. надморска височина ќе го посетиме главниот град Кигали (Kigali), град со турбулентна историја кој во последните години се трансформираше во еден од најатрактивните градови во Африка (Africa), со убави булевари, одлични ресторани и пријатни домаќини. По прошетката и купувањето на традиционални ракотворби, совршено ќе не освежи овошна салата од маракуја, ананас, манго, лубеница и папаја, а сите љубители на пиво ќе имаат уникатна можност да вкусат пиво од банана, кое домашното население го пие секојдневно и тоа со сламки. Срамота е во бар да порачате едно пиво, сигурно келнерот ќе се зачуди и ќе помисли дека сте се збуниле, без размислување нарачајте две и уживајте во овој обичај. Кога ќе падне мрак, ќе го искусиме ноќниот живот, слушајќи поп музика со познатиот пијалок од ферментиран мед – Убуки. 

Доколку сонувате за рајска авантура, приредете си го себеси ова патување, доживејте незаборавни моменти и научете лекција за тоа како да се живее едноставен живот.

Корисни информации

Овде ќе најдете корисни информации за самата дестинација, како и некои совети за ова патување.

Руанда

1. Општи податоци

Главен град: Кигали

Површина: 26.338 km²

Број на жители: 11,262,564 (2015г.)

Население: Хуту 80%, Туци 19%, Пигмејци 1%

Јазик: Киниарванда, Француски, Англиски, Свахилски

Вероисповед: христијани 90%, муслимани 5%, останати 5%

Локално време: UTC + 2

Валута: руандски франк

 

2. Виза 

За граѓаните на Р. С. Македонија потребна е виза за влез во земјата. За одобрување на виза потребен е документ за примена вакцина против жолта грозница.

 

3. Временска зона

Временската зона е UTC +2, односно за време на зимското сметање на времето разликата помеѓу РСМ и Руанда е 1 час, а во периодот на летното сметање на времето нема разлика, бидејќи Руанда не преминува на летно сметање на времето.

 

4. Здравствена ситуација:

Неопходно е да се приложи потврда за примена вакцина против жолта грозница.

Водата не е за пиење, се користи исклучиво флаширана вода и се избегнува користење на лед. Флаширана вода се користи и за миење на забите, овошјето и зеленчукот.

Што се однесува до лекови против маларија, нема потреба да се понесат, но Ве советуваме да се консултирате со вашиот лекар. Важно е да знаете дека лековите не гарантираат 100% заштита од маларија и можат да предизвикаат и непосакувано дејствије.

Од лекови, со себе понесете лекови за редовна терапија доколку ја примате, пробиотици, лекови за намалување на телесната температура, против болки, односно лекови кои генерално ги носите на секое патување. Задолжително понесете и крема за сончање, како и Аутан.

Пропорачуваме да имате здравствено осигурување. 

 

5. Безбедност

Во однос на другите африкански зејми, безбедноста во главниот град Кигали е на многу високо ниво. Треба да се внимава на улични измамници и ситни кражби. Како и за другите држави, не препорачуваме ноќни патувања во поодалечените области.

 

6. Клима 

Климата е тропска, но значително ублажена поради поголемата надморска височина. Просечната годишна температура изнесува 21,3 °C. Температурите во текот на денот обично не го преминуваат 30°C, а ноќните ретко се спуштаат под 15°C.

 

7. Храна 

Храната во Руанда не е зачинета и пикантна. Луѓето јадат едноставни оброци кои ги содржат локалните состојки. Кујната главно се состои од: сладок компир, грав, пченка, грашок, просо и овошје. Употребата на месо не е исклучена, најпопуларни се говедското и пилешкото, но во одредени региони може да се ужива и добро приготвена риба.

 

8. Облека

Ве советуваме да понесете лесна, удобна и тенка гардероба од природни материјали, по можност лен и памук. Добро ќе годи и тенка јакна, во случај да залади, но можеби и да Ве заштити од убоди од комарци. Се препорачува гардеробата да биде во неутрални бои, на пример зелена и кафена. Избегнувајте сина и црна боја на облека бидејќи привлекуваат инсекти. Важно е да се напомене дека воен и камуфлажен принт на облеката не е дозволен.

 

9. Пари

Валута која се користи е Руандски франк RWF

1EUR = 1021RWD, 1USD = 905RWD

Препорака е да се понесат долари и истите да бидат испечатени во 2006г. или потоа.

Користење на меѓународни платежни картички (VISA и сл.) е можно, особено во подобрите хотели, ресторани, супермаркетии сл. За дополнителни информации можете да се советувате и со Вашата банка и задолжително пријавете им го Вашето заминување во странство.

 

10. Струја, интернет и комуникација

Мобилната телефонија, со роаминг, функционира и со SIM картички од РСМ. Домашна SIM картичка може да се набави со приложување на пасош.

Напонот на електричната енергија е ист како кај нас и нема потреба од понесување на адаптер.

 

11. Сувенири:

Од сувенири препорачуваме: кафе и чај, имигонго – традиционални уметнички дела, садови од тиква, накит, облека...

 

12. Други напомени:

Во Руанда е забрането носење на апостолки затоа што се смета дека е нехигиенски.

Изнесување на животни, како и производи од заштитен животински вид (кожа, корали, слонова коска и сл.) е забрането и може да доведе до затворска казна.