Дали сте спремни да ги испразните мемориските картички, затоа што бројот на спектакуларни моменти кои ќе сакате да ги фатите на фотографија на нашето патување на островот Мадеира е бесконечен.
Првата помисла на Мадеира можеби е само „остров во Атлантикот“, но она што нè очекува таму далеку го надминува секое очекување. Зелените падини што се губат во облаците, неверојатните карпи кои стрмоглаво стигаат до океанот, мистичните лаврови шуми што шепотат стари легенди, вулкански плажи, долги левада патеки покрај вода, а во воздухот? Мирис на тропско овошје и свеж морски ветер.
Овој магичен португалски остров не е само дестинација, тој е доживување што се памети цел живот. Ќе уживаме во неверојатните панорами на врвот Пико до Ариеро, каде што облаците се под нас, а изгрејсонцето изгледа како сцена од некој друг свет. Ќе шетаме низ уметничките улички на Фуншал, главниот град, каде шарените врати на старите куќи раскажуваат по некоја локална приказна.
Ќе го пробаме светски познатото вино од Мадеира, ќе уживаме во вкусот на espada (риба со банана!), ќе се засладиме со болу де мел и маракуја, а вечерите ќе ги поминуваме со звуците на фадо, додека сонцето полека исчезнува во хоризонтот.
Ќе се симнеме во традиционалното село Сантана и ќе ги видиме куќичките како од бајка, а потоа ќе го почувствуваме адреналинот додека низ тесните, стрмни улици се возиме со корпичките што ги возат локалци, нешто што го има само тука. Ќе се прошетаме низ плантажи со банани, тропски градини и ќе се искачиме до недопрените предели на островот, каде сè уште живеат легендите од минатото.
Мешавина од дивина и традиција, од тишина и ритам, од морска бескрајност и планинска убавина. Подготвени сте да ја почувстувавате приказната што не се раскажува со зборови, туку со срце?
Добредојдовте во Мадеира, островот на вечната пролет и неискажаната убавина.