Грузија

Грузија

Го запознаваме скриеното богатство на Кавказ, земјата на врвни вина, раздвижени пазари и величествени планински пејзажи - Грузија. Крстариме по централните, северните и источните делови на земјата упатувајќи се кон далечните градови Сирнахи (Signagi) и Ананури, проаѓаме низ облаците, стада од крави и овци, лозови насади и овоштарници. Тбилиси, главниот град на земјата, е место на интензивно преплетување на цивилизации и град кој никогаш не спие. Трагите од османската, еврејската, руската империјална, па советската и современата грузиска култура и архитектура се наоѓаат на секој чекор, правејќи засебни целини кои на неверојатен начин се претопуваат во едно. Уживаме во благодетите на на сулфурните купатила, благиот вкус на автохтоните грузиски вина, пикантноста на аџика и едноставното совршенство на чурчела, хачапури и хинкали (грузиски јадења). Грузија е еден од центрите на раното христијанство: ги запознаваме култовите на Св. Нина и Давид Гареџа, го разгледуваме комплексот Гареџа - Удабно и испостничките манастири во карпи до кои пешачиме долж границата со Азербеџан. Ги посетуваме древните престолнини Мчету и Уплисцихе, а во Гори ќе ја посетиме родната куќа и музејот на Ј. В. Сталин. Потполно се соживуваме со Кавказ низ разговорите со газдите и трговците, ценкањето на локалните пазари и неумереното конзумирање на силно зачинети грузиски гастрономски специјалитети и алкохолни пијалоци. Угодувајќи си себеси со вистински хедонизам на повеќе нивоа и духовно збогатени, со децении ќе се сеќаваме на егзотичните планински предели и убавината на жаркиот Тбилиси, сакајќи задолжително повторно да им се вратиме.

Корисни информации

Овде ќе најдете корисни информации за самата дестинација, како и некои совети за ова патување.

Грузија

1. ОПШТИ ПОДАТОЦИ ЗА ЗЕМЈАТА 

Грузија е држава во евроазискиот регион, па претстаува европски балкон во Азија. Таа се наоѓа на подрачјето на геополитичкиот регион Закавказија, на самата граница помеѓу источна Европа и југозападна Азија. Се граничи со Русија на север и североисток, со Турција и Ерменија на југ, и со Азербеџан на југоисток, додека на запад излегува на брегот на Црното Море. Позната е по своите природни убавини, како планините Голем и Мал Кавказ, вулканска област која е дел од Ерменската висорамнина и Колхидската низина, која се наоѓа во средина. 

Површина: 69.700km2

Број на жители: 3.7 милиони жители

Главен град: Тбилиси (1.2 милиони жители)

Националност: Грузијци (преку 85%, а национални малцинства се: Азери, Ерменци и Руси) 

Официјален јазик: грузиски

Вероисповед: православие

Независност: 1991. година (од СССР)

2. ВИЗА

За Република Грузија не е потребна виза за престој.

3. ВРЕМЕНСКА ЗОНА

Временската зона е  UTC+4, што значи 2 часа понапред во однос на Македонија. 

4. КЛИМА

Климата во регионот главно ја одредува планината Кавказ. источниот дел на земјата припаѓа на континенталната клима, додека на запад е значително потопло. Надморската висина исто така игра улога во одредувањето на климата на одредено подрачје, па така на сите места над 1500m температурата е пониска. 

5. ХРАНА И ПИЕЊЕ

Грузиската кујна е истовремено и уникатна, но претставува и спој на блискоисточните кулинарски традиции со европските. Качапури е леб полнет со сирење и претставува сериозен залак за секого. Во зависност од регионот му се додаваат и други вкусни состојки. Мчади е грузиска пченкарна проја. Кинкали се кнедли во кои често преовладува опојниот кумин. Чурчкела е омиленото благо на Грузијците. Се купва на пазар, а во прашање е благо во облик на долгнавести свеќи. Може да се јаде зашеќерена со ореви, лешници, бадеми, суво грозје итн. Од пиење секако треба да се проба цедениот сок од калинка кој се продава на улица и бројните вина. 

6. ЗДРАВЈЕ

Што се однесува до вакцинација, најдобро е самите да се јавите во Институтот за јавно здравје, но од нашето искуство нема потреба за вакцини. Во секој случај, одлуката е ваша. Секогаш им препорачуваме на патниците на далечните патувања со себе да понесат пробиотици, како и лекови за настинка, болки и температура за секој случај. 

Се препорачува конзумирање на флаширана вода за пиење, додека што се однесува до храната нема посебни ограничувања. Овошје и зеленчук има во изобилство, но неопходно е да бидат добро измиени. 

7. ОСИГУРУВАЊЕ
Осигурување не е задолжително, но е препорачливо. Можете да го купите од било која осигурителна куќа или кај нас во агенција до 5 дена пред патувањето. За информација за цена/осигурана сума/број на денови јавете се во нашата агенција. 

8. СИГУРНОСТ И БЕЗБЕДНОСТ

Тбилиси важи за еден од туристички најбезбедните градови во Европа. Во самата Грузија видливо е задолжителното присуство на полиција во секое поголемо туристичко место. 

Магистралните патишта се добри, а делниците во планинските предели се во лоша состојба.

9. ОБЛЕКА

Во периодот во кој ние одиме во Грузија очекуваме темература повисока од 15-20 степени. Треба да спакувате повеќе маици и дуксери. Удобни патики за шетање се неопходни. Со оглед на тоа дека поаѓањата се секогаш на есен или пролет би било добро секогаш со себе да носите чадор или кабаница. Од друга страна, топли јакни нема да Ви бидат потребни. Сѐ на сѐ, секогаш се препорачува слоевито обекување. 

10. ЛОКАЛНА ВАЛУТА

Валутата во Грузија се нарекува грузиски лари (GEL). 1EUR = 2.9 GEL.  Пари можете да безбедно да промените во сите менувачници и препорачливо е да носите евра.  

11. КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ И БАНКОМАТИ

Системот на банкомати и платежни картички постои во Грузија, но не препорачуваме да се потпрете на плаќање со картички, подобро е да понесете готовина. 

12. КОМУНИКАЦИЈА

Нашите мрежи функционираат нормално во Грузија. Постои и опцијата за купување на локална SIM картичка. Исто така, интернет кафулиња има насекаде, а во сместувањето има конекција. 

13. СТРУЈА

Што се однесува до електричната енергија, напонот е ист како кај нас, нема да Ви бидат потребни адаптери за приклучоците за струја.