Дали на Куба може да се патува преку цела година

Едно од најчесто поставуваните прашања во канцеларија ни е дали во некој период е добро да се патува на некоја дестинација. Од таа причина, решивме да пуштиме еден серијал на блогови во кои детално ќе ги елаборираме временските прилики на сите дестинации кои ги работиме. Првиот блог ни беше за Малдиви, серијалот го продолжуваме со една од нашите омилени дестинации Куба!

Првото нешто кое би сакале да Ви го кажеме е тоа дека нашата агенција ги работи дестинации, 12 месеци во годината. Најчесто и по неколку групи месечно по дестинација... Бројот на групи кои ќе ги “одработиме“ во одредени месеци повеќе го поврзуваме со сезоната за патување во Македонија, отколку со сезоната за патување на дестинациите кои ги работиме. 

Одлуката дали некаде ќе патувате или не, направете ја повеќе според тоа кога Вам Ви одговара да патувате, отколку дали таму некаде е “сезона“ или не е. Зошто е тоа така...? Затоа што нашето 15 годишно искуство со далечни патување и дестинации кои ги работиме ни покажало дека нема лоша или добра сезона, никаде во светот!

Нормално, времето не е нешто кое што можеме да го гарантираме и 100% предвидиме ни во Македонија, но можеме дополнително да ја објасниме целава оваа наша теза и увереност дека на сите дестинации кои ги работиме, може да се патува 10-12 месеци, без никаков проблем. 

А сега да го разгледаме времето на Куба преку цела година.

Ако го прашаме Google, кога е “најдобриот период” да се патува во Куба – гледаме дека “највисока сезона” е од Ноември до Април – кога на Куба хотелите, авионските карти се најскапи!

Најпрво да ги разгледаме дневните температури на Куба, преку цела година истите варираат за само неколку степени, потточно просечните дневни температура на Куба преку цела година се движат од 21C -27C, а во летниот период од 26-27C. Додека, навечер знаат да паднат само за неколку степени. Чисто за споредба во Македонија, дневните температури преку лето се движат од 32C - 37C. 

Ова ни укажува дека температурите на Куба се многу пооптимални од температурите во Европа, Турција итн...

Но, исто така прочитав или видов на апликација дека на Куба во летниот период врне...
Доколку читате за дождови, секогаш обрнувајте внимание и на параметарот “sunshine hours”. Доколку го имате прочитано нашиот претходен блог веќе сте запознаени со овој параметар. Всушност параметарот “сончеви часа” означува колку часа од денот сонцето директно зрачи на земјата (а не преку облаци). Ќе видите и сами дека во “ниската” сезона, овој параметар во Куба се ЗГОЛЕМУВА за 1-2 часа!

Ова значи дека во лето имаме повеќе сонце на Куба и повеќе време да уживаме на овој Карипски рај!

А кога станува збор за временските услови што ги гледате на апликацијата на вашиот телефон. Мора да напоменеме дека не постоии точна временска прогноза “од ден за ден” на Куба. Онлајн апликациите/страниците НЕ користат информации од локалните метеоролошки станици, ова е настанато како резултат на американското ембарго врз Куба. Всушност апликациите/страниците користат предиктивни компјутерски модели кои речиси никогаш не ја отсликуваат вистинската слика за времето на Куба. Па затоа секогаш во сува сезона прогнозата е сончева, додека во “дождовната” сезона прогнозата е облаци со шанси за дожд.

Да кажеме дека ни заврнало на Куба што значи ова за вашиот одмор?

Тропските дождови се дождови кои траат многу кратко околу 30 минути, а максимум 1 час.  Исто така тропските дождови се појавуваат многу рано наутро или доцна навечер, па затоа не би Ви го уништиле целокупното доживување на овој уникатен остров.

Ако се случи половина час или еден час да заврне во текот на одморот, најчесто влегуваме во океанот и уживаме додека пливаме на дожд, влегуваме во некое барче и ресторанче, пиеме кафе или мохито, играме карти и уживаме во тропската атмосфера околу нас.

Можеме уште многу да зборуваме за времето на Куба и за тоа дека на Куба во текот на целата година има туристи кои имаат незаборавен “одмор“. На пример, летниот период, од Јуни до Септември, кога генерално патува цела Европа и Америка, се месеците кога Куба има најголем број на посетители (статистиката покажува дека бројот на посетители речиси и се дуплира) Статистиката не би била таква доколку времето е навистина лошо во “ниската сезона“, нели?

Вакво е и нашето искуство со Куба и искуството на нашите патници, илјадници на број, кој од нашите канцеларии во Србија, Хрватска, Македонија, Словенија и Босна, отпатуваа на Куба во текот на месеците кои според интернетот припаѓаат на “ниската сезона“. 

Доколку нас не прашувате, не чекајте, слободно резервирајте го терминот кој најмногу Ви одговара, а ние веруваме дека ќе се вратите со безброј незаборавни спомени!

¡Viva la Cuba!