Kу Чи тунелите
Ги истражуваме тунелите Ку Чи! Базата на револуционерите за време војната во Виетнам. Денес дел од нив се наоѓаат под градот Хо Ши Мин. Тунелите за време на војната биле „подземно село“ во должина од неверојатни 200км!!! Целиот овој комплекс е изграден од страна комунистичките герилци на Виетнам кои воделе титанска борба против окупаторот. Тие денес претставуваат главна туристичка атракција на Јужен Виетнам. Герилците на Ку Чи, кои во своите редови имале жени и малолетни лица, со години живееле во тесните, темни и загушливи тунели низ кои можеле да се пробијат исклучиво со лазење на колена. Изградиле мрежа на подземни премини и простории кои содржеле спални соби, кујни, простории за состаноци и планирање, складишта за храна и муниција. Герилците изградиле и краци што имале за цел да го измамат непријателот доколку тој успее да навлезе во тунелите. Покрај тоа што тунелите биле безбедно место за борците, тие исто така биле и отпорни на воздушно бомбардирање. Ова неверојатно инфраструктурно чудо е една од главните причини за победата на виетнамците над америчката инвазија. За време на посетата ќе можеме да видиме дел од асортиманот на маскирни стапици, оружје и опрема која ја користеле борците за време на војната.